ФАКТИ

Добредојдовте во Осогово! Овој регион, сместен во североисточниот дел на Македонија и Западна Бугарија, изобилува со пријатна клима, шуми, разновиден и уникатен жив свет, свеж воздух, живописни пејзажи и уште многу атракции, манифестации и културни знаменитости

Природната убавина на Осогово е неповторлива. Покрај уникатниот биодиверзитет, овој регион има голем број геоморфолошки реткости – вулкански топки, каскади, мали водопади итн. Осогово е полно со историски и културни вредности за кои дознаваме од бројните археолошки локалитети и артефакти. Манастирите, културните споменици и добро зачуваната традиционална архитектура во Кратово, Крива Паланка и Ранковце се уште една причина плус за да нè посетите.

Се вели дека името на регионот „Осогово“ доаѓа од Саксонските рудари кои дошле овде многу одамна за да ископуваат: злато, сребро, бакар и олово. Зборот „Осогово“ значи „Божјо место“ и доаѓа од старогерманските „osso“= Господ и „gov“= место.

Вкупно девет општини се сместени на територијата на Осоговските Планини и се дел од овој регион: Кратово, Крива Паланка, Ранковце, Пробиштип, Чешиново–Облешево, Кочани, Виница, Македонска Каменица и Делчево.

На оваа веб-страница ќе ставиме акцент на Кратово, Крива Паланка и Ранковце.

Крива Паланка, најголемата од трите општини, има околу 21 000 жители. Општина Кратово има околу 10 441 жител, додека пак општина Ранковце има околу 4 144 жители.

Постојат интересни приказни што се поврзуваат со имињата на трите општини.

Постојат две легенди за името на Кратово. Според првата легенда, името доаѓа од зборот „кратер“ што значи вулкански отвор на одамна изгаснат вулкан каде што е сместен градот. Според втората легенда, името доаѓа од словенскиот збор „корито“ што значи речно корито.

Додека пак името Крива Паланка доаѓа од кривулестото речно корито на Крива Река. Старото име било турско „Егри Дере“ и има значење „Крива Река“. Подоцна, зборот „дере“ бил заменет од зборот „Паланка“.

Слично на Кратово, постојат и две легенди за името Ранковце. Првата легенда вели дека имало еден господар Милутин, кој живеел во селото Милутинце и имал три ќерки. Ранковце го добило името благодарение на неговата прва ќерка што се викала Ранка. Втората легенда вели дека името доаѓа од два збора „ран“ и „ковач“. Всушност, многу одамна имало ваков ковач во Ранковце кој рано започнувал со работа.